Што се податоци?

Податоците се начин да измерите колку интернет користите. Ако разберете колку податоци трошите, тоа може да ви помогне да изберете пакет за домашен или мобилен интернет што најмногу одговара на вашите потреби.

Видови податоци

Интернет е услуга што ви овозможува пристап до многу различни видови содржини што користат податоци за да се прикажуваат. Вообичаените видови содржини на интернет вклучуваат:

  • интернет-страници
  • е-пошта
  • е-книги
  • филмови и ТВ-програми
  • фотографии
  • музика, радио и поткасти.
Илустрација на разни видови содржина на интернет.

Како се испорачуваат податоците

Содржините од интернет се пренесуваат на вашиот телефон, таблет, лаптоп, десктоп или други апарати во облик на податоци.

  • Во домот имате еден специјален уред наречен рутер што користи Wi-Fi за да споделува податоци од интернетот со различните уреди.
  • Надвор од дома, станиците за мобилна телефонија ја користат мрежата за мобилна телефонија за да споделуваат податоци од интернетот со различните уреди.

Како да купите податоци

Податоците доаѓаат како дел од пакетите за домашен или мобилен интернет. Кога купувате пакет за интернет од давател на услуги за интернет (internet service provider) ИСП (ISP), со пакетот ќе добиете и специјална опрема:

  • со пакетот за домашен интернет ќе добиете специјален уред наречен рутер (router).
  • за мобилен интернет можете да купите мобилен телефон како дел од пакетот, или едноставно да купите пакет и да го користите телефонот што веќе го имате.
  • вашиот пакет ќе вклучува поврзување со интернет и сметка кај давател на услуги.
  • сите пакети вклучуваат одредено количество податоци што можете да го користите секој месец за да добивате содржина од интернет.

Можете да купите пакет за домашен или мобилен интернет од давател на услуги за интернет на неколку начини, на пример, преку телефон, од неговата интернет-страница или од продавница во вашиот локален трговски центар.

Пакет податоци

Цената на пакетот за интернет обично зависи од тоа колку податоци вклучува или колку брзо податоците може да се испорачаат. Повеќе податоци и поголеми брзини чинат повеќе пари, но ви овозможуваат да правите повеќе и побрзо онлајн.

  • Пакетот за домашен интернет обично нуди повеќе податоци за помала цена отколку пакет за мобилен интернет.
  • Вашиот ИСП брои колку податоци трошите месечно.
  • ИСП не ви ги враќа парите за податоците што не сте ги искористиле во месецот.
  • Некои даватели на услуги за мобилен интернет може да го префрлат неискористениот интернет во следниот месец. Тие често се нарекуваат rollover data.

Кој пакет податоци да го купите?

Се исплаќа да разгледате и да размислите што правите на интернет пред да изберете пакет податоци.

  • Ако ретко користите интернет, еден мал домашен или мобилен пакет податоци е соодветен за вас.
  • Ако правите многу нешта на интернет, може да ви треба поголем домашен или мобилен пакет податоци.
  • Јавете се на линијата за помош на давателот на услуги за интернет или посетете ја неговата продавница за да добиете совет за пакетот што одговара на вашите потреби.

Како се мерат податоците

Интернет компаниите ги мерат количествата податоци во мегабајти (megabytes) или (MB) и гигабајти (gigabytes) или GB. Во еден гигабајт има речиси 1.000 мегабајти. Колку е поголем бројот на гигабајти, толку повеќе податоци добивате. На пример, со 1GB можете да:

  • посетите илјадници основни интернет-страници
  • пратите илјадници е-пораки
  • слушнете до 300 песни на интернет-радио
  • гледате 30 минути ТВ на интернет.

Што е тоа што ги троши податоците?

За сѐ што правите на интернет се потребни податоци, но некои содржини трошат повеќе податоци од други.

Содржини што речиси не трошат воопшто податоци се:

  • нормални интернет-страници
  • е-книги, е-пошта и текстуални пораки.

Содржини што користат умерено количество податоци се:

  • радио и музика на интернет
  • висококвалитетни фотографии.

Содржини што трошат големо количество податоци се:

  • филмови од интернет
  • ТВ-програми од интернет.